Вака изгледаат денеска рафтовите на продавниците. Без леб со замрзната цена од 33 денари, или со вчерашен леб.
Од најголемите продавници и маркети во центарот на Скопје велат дека воопшто не се снабдени со леб, а таму може да се најде само леб со повисоки цени, односно од оние видови за кои не важи замрзнувањето на цените. Некои пекари не произведуваат бел и полу бел леб по цена од 33 денари.
Ова е најавениот против одговор на пекарската индустрија по одлуката на Владата за замрзнување на цената. ТВ21 се обиде да стапи во контакт и со претседателот на групацијата на мелничко-пекарска индустрија, Горан Малишиќ, но од Стопанската комора на Македонија ни рекоа дека тој нема да биде достапен и дека се уште го имаат истиот став со тој од пред два дена.
Прашавме во Стопанска комора дали ги контактирал некој од Влада, од таму ни одговорија „НЕ“. Вчера министерот за економија, Крешник Бектеши, рече дека големите компании непотребно создаваат хистерија.
Инаку, бидејќи субвенционирањето на прехранбените компании не ги даде очекуваните резултати, односно компаниите не ги намалија цените, вчера Владата донесе одлука за укинување на мерката за субвенционирање на струјата. Министерот за економија посочи дека од април ќе се субвенционираат граѓаните, односно ќе има нови мерки со кои директно ќе им се помогне на граѓаните.