Раичевиќ: Обвинителството е како пуст остров без лекари и лекови – Хаџи Василева и Азизи сакаат да ја вратат довербата во институцијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зошто сакаат да застанат на чело на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и што ги мотивира да ја преземат една од најодговорните функции во правосудството? На ова прашање во вечерашната емисија „Клик Плус“ на ТВ21 одговараа кандидатите Искра Хаџи Василева, Лидија Раичевиќ и Фатон Азизи.

Искра Хаџи Василева истакна дека нејзината кандидатура произлегува од чувството на лична и професионална одговорност, но и од потребата да се врати довербата на граѓаните во правосудниот систем.

„Се кандидирам од одговорност, искрено. Чувствувам дека е одговорност на оваа генерација, моја лично, да се обидеме да направиме нешто повеќе, нешто подобро, да ја вратиме довербата во правдата. Мислам дека може“, изјави Хаџи Василева.

Лидија Раичевиќ, пак, преку впечатлива споредба ја опиша состојбата во обвинителството, оценувајќи дека институцијата се соочува со сериозни притисоци, обвинувања и нарушен авторитет.

„Замислете си еден пуст остров, малку оддалечен од копно, и на него луѓето се болни, а нема ни лекари, нема ни лекови. Отприлика таква е состојбата со обвинителството денес, изложено на различни атаци, на притисоци, на сериозни обвинувања“, рече Раичевиќ.

Таа нагласи дека нејзиниот мотив е обвинителството со сопствени сили да го врати својот авторитет, дигнитет и место во општествениот систем, за да може успешно да се бори против криминалот.

„Тешка е таа борба, ама предизвикот ни е уште поголем“, порача Раичевиќ.

Фатон Азизи посочи дека неговата кандидатура е мотивирана од желбата да го искористи своето професионално искуство и да придонесе за развојот на институцијата.

„Сметам дека како дел од младата генерација, кандидат од шеста генерација во Академијата за судии и јавни обвинители, со искуството во ОЈО ГОКК, обврска ми е, пред сè, а и чест да бидам дел од оваа институција и да го дадам мојот придонес на најдобар можен начин“, истакна Азизи.

Тој додаде дека младоста, енергијата, искуството и желбата за унапредување на обвинителството се главните причини поради кои одлучил да се кандидира.

Во дебатата на „Клик Плус“ на ТВ21 кандидатите ги претставуваат своите мотиви и визии за идното функционирање на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, институција од која јавноста очекува независност, ефикасност и конкретни резултати во борбата против криминалот.