Дел од ракетата „Фалкон 9“ на компанијата „Спејс Икс“, тежок околу четири тони, најверојатно се судрил со површината на Месечината во средата.
Овој дел од ракетата се наоѓа во вселената уште од минатата година. Се претпоставува дека до судирот дошло ненамерно и со голема брзина. Според НАСА, ударот не претставува никаква опасност за Земјата.
Објектот, со големина приближно како една зграда, е дел од ракетата „Спејс Икс Фалкон 9“, која беше лансирана во јануари 2025 година.
Според пресметките, ракетниот дел требало да удри во Месечината во утринските часови. Експертските тимови проценуваат дека при ударот ќе се формира кратер со широчина од околу 18 метри и длабочина од четири метри.
Американската вселенска агенција НАСА соопшти дека ќе ги анализира снимките направени пред и по ударот, со цел подобро да ги проучи последиците од ваквите вештачки удари врз површината на Месечината.
Вообичаено, ваквите делови од ракетите по завршувањето на мисијата повторно влегуваат во атмосферата на Земјата, каде што согоруваат или контролирано паѓаат во океанот, откако ќе го испорачаат товарот во предвидената орбита. Меѓутоа, поради тоа што мисијата за слетување на Месечината во јануари 2025 година барала значително поголем потисок од мисиите во близина на Земјата, втората фаза од ракетата останала во вселената.
