Рамазан во Сирија – во страв и голема сиромаштија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сиријците во деловите на северозападниот дел на земјата под контрола на бунтовниците го одбележаа почетокот на светиот муслимански месец Рамазан со зголемена сиромаштија и зголемени на цени на храната во земјата разурната од војна.

Оваа година ситуацијата ја влоши руската инвазија на Украина која ги зголеми цените на прехранбените производи и нафтата.

Многумина сега шетаат низ пазарите во северозападната провинција Идлиб, не можејќи да купат многу поради големата невработеност и зголемените цени на храната.

„Прехранбените производи стануваат многу скапи во време кога многу луѓе немаат приход или работа. Цените на прехранбените производи се зголемуваат. Да речеме дека работникот заработува 1,36 долари или 2 долари  на ден, а шише масло за јадење порано чинеше 1,84 долари, сега стана 3,06 долари поради украинско-руската војна. Сега цените малку паднаа, но работите се уште се скапи бидејќи повеќето луѓе немаат стабилен приход“, истакна Хатам Халум.

Многу од 3-те милиони луѓе кои живеат во последното големо упориште на бунтовниците се внатрешно раселени и се потпираат на меѓународна помош за да преживеат.

„Сега е почеток на светиот месец, месецот на Рамазан. Пред да бидеме раселени, не знаевме што да купиме бидејќи имаше толку многу опции. Порано бевме горди на храната што ја јадевме за време на Рамазан, тоа беше пред раселувањето, окупацијата и бомбардирањето. Сега ситуацијата е ужасна“, вели Али Ал-Хамуд.

Сирија минатиот месец одбележа 11 години од почетокот на нејзиниот бунт, кој се претвори во граѓанска војна, во кој загинаа половина милион луѓе и раселени половина од предвоеното население на земјата од 23 милиони.

Претседателот Башар Асад можеби сè уште е на власт, поддржан од Русија и Иран, но милиони луѓе се туркаат подлабоко во сиромаштија, а повеќето домаќинства тешко можат да си дозволат да купат храна.

Обединетите нации велат дека повеќе од 80 отсто од Сиријците сега живеат во сиромаштија.

Украина и Русија сочинуваат една третина од глобалниот извоз на пченица и јачмен, на кој земјите од Блискиот Исток се потпираат за да прехранат милиони луѓе кои преживуваат со субвенциониран леб и тестенини.

Тие се и врвни извозници на други житарки и маслото од сончогледово семе кое се користи за готвење.

За време на Рамазан, Муслиманите се воздржуваат од јадење и пиење од изгрејсонце до зајдисонце.