Поранешниот генерален секретар на Владата, сега секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализацијата на владината програма, Драги Рашковски самиот потврди дека е во Мексико и дека таму ќе остане до крајот на месецот.
„Нема место за сензација, на годишен одмор сум во Мексико. Заминавме на 14. и таму ќе бидеме до 31. овој месец“, изјавил Рашковски за Фокус.
Но, на онлајн седницата која вчера ја одржа Владата, тој беше вклучен преку апликацијата Zoom.

Останува не јасно, дали Рашковски го прекинал одморот и предвреме се вратил во Македонија, или пак и додека користи одмор и е во Мексико тој е активно вклучен во работата на Владата.
Рашковски деновиве е актуелен во јавноста по сториите што ги објави „360 степени“ поврзани со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци, кој тој ја направил во времето кога беше генерален секретар на Владата. „360 степени“ пред една недела ја објави првата сторија поврзана со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци во вредност од 81 000 евра, кој Рашковски го набавил за потребите на Министерството за внатрешни работи, а оттаму велат дека ниту знаеле дека таков софтвер е набавен ниту, пак, им треба.
