Раст и развој, или луксуз и долгови? Комисиска расправа за ребаланс на буџетот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За власта ребаланс за раст, развој и стабилност, опозицијата со обвинувања – се кратат пари од граѓаните за луксузирање на власта. Почна комисиската расправа за ребалансот на буџетот која ќе трае 10 дена, по што ќе оди на гласање на пленарна седница. Прекроената државна каса пред пратениците ја образложи и бранеше заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.

„Со ревидираните фискални проекции се врши усогласување на расходите со досегашната реализација и очекувањата, односно се дообезбедуваат средства за исплата на плати, пензии, програмски и проектни активности со едновремено искористување на средствата од претходните години на посебните сметки.“, вели Јанкуловски.

Поднесени се 226 амандмани, од кои 160 на опозициската СДСМ. Меѓу нив се одвојување на 934 милиони денари за финансиска поддршка за семејствата на загинатите и повредените во Кочани; 60 милиони денари за реновирање на болницата во Кочани и 20 милиони за нова опрема, зголемување на студентски стипендии и други.

„Со овој ребаланс власта ги намалува субвенциите и социјалните трансфери за 30 милиони евра. Тоа е директен удар врз земјоделците, врз работниците, семејствата со ниски приходи, социјално загрозените. Истовремено, се зголемуваат трошоците за стоки и услуги за владата– значи за повеќе папаја, манго, приватни авиони и скапи авантури на функционерите. Ова е срамно понижување. Владата избра да го штити својот луксуз, а не стандардот на народот.“, рече Сања Лукаревска од СДСМ.

Фискалниот совет предупреди на ризиците. Кредитот од 6 милијарди евра од Обединетото кралство, ќе го зголеми јавниот долг.

„Земавме две сценарија. Со дополнителни инвестиции од 2 милијарди евра, едното да се реализираат во 3 години, другото да се реализираат во 5 години. И се доаѓа дека наместо намалување на јавниот долг би имало благо зголемување. Во едното сценарио би достигнало до 65%, второто сценарио 63%.“, изјави Глигор Бишев, претседател на фискален совет.

Инаку, со ребалансот на буџетот власта планира да потроши 6,56 милијарди евра, а да прибере од граѓаните и стопанството околу 5,9 милијарди евра. Буџетскиот дефицит останува 4 проценти од БДП или 672 милиони евра. Капиталните расходи на кој власта го темели развојот и растот на економијата се 772 милиони евра. Стапката на инфлација 2,8%, а јавниот долг е проектиран на 62,1 % од БДП.