Раст на европските и азиските берзи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На европските берзи цените на акциите утринава пораснаа, продолжувајќи го позитивниот тренд од минатата недела, додека инвеститорите ги очекуваат новите квартални деловни извештаи од европските компании.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за 0,4 отсто во 9:30 часот, откако минатата недела скокна за 2,8 отсто.

Утринава лондонскиот FTSE индекс зајакна 0,39 отсто, на 8.448 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,34 отсто, на 22.318 поени, а париски CAC за 0,49 отсто, на 7.575 поени.

Истовремено, цените на акциите пораснаа во сите сектори, а највисоко во банкарството и автомобилската индустрија, за околу 0,7 отсто.

Покрај кварталните деловни резултати на европските компании, инвеститорите оваа недела ќе се фокусираат на низа економски извештаи, како што се податоците за бруто домашниот производ (БДП) и инфлацијата во Германија и Франција.

Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции порасна за 0,1 отсто во 9:30 часот.

Јапонскиот индекс Никеи порасна за 0,4 отсто, додека цените на акциите во Хонг Конг, Јужна Кореја и Австралија пораснаа меѓу 0,1 и 0,4 отсто. Во Шангај, пак, тие благо паднаа.

Така, позитивниот тренд на азиските берзи влезе во третата недела, но тргувањето е претпазливо бидејќи нема вести кои би можеле значително да ги поттикнат пазарите.

Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата изјави дека е постигнат напредок во трговските односи со Кина и многу други земји. Но, секретарот за финансии Скот Бесент во неделата не потврди дека преговорите со Кина се започнати.

„Самата несигурност е штетна како и царините, и ѝ штети на американската економија, како и на остатокот од светот“, вели Кристијан Келер, економист во Barclays.