Раст од БДП од 3,8% – инфлација 2,5% – предлог-буџет за 2026: Ќе се потрошат 6,73 милијарди евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од државната каса до година ќе се потрошат 6,73 милијарди евра, а планот е да се приберат 6,1 милијарда евра од граѓаните и стопанството. Владата го усвои предлог – буџетот за 2026 година кој ќе биде испратен во Собранието. Планот е да се приберат повеќе пари од даноци и придонеси, да се зајакне фискалната дисциплина. Издвоени се повеќе пари за плати, за пензии за социјални трансфери.

„Со Буџетот се обезбедува редовна исплата на плати и пензии, како и континуирана социјална заштита. Средствата за социјални трансфери  се проектирани на 206,3 милијарди денари, што е раст за 6,7 проценти. Платите изнесуваат 52,6 милијарди денари, или 7 проценти повеќе во однос на оваа година, во кое е опфатено зголемување на платите со порастот на минималната плата. Транзициските трошоци уплати во вториот пензиски столб изнесуваат 19,6 милијарди денари, со раст од 22,5 проценти“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.

Догодина ќе се потрошат  1,9 милијарди евра за пензии што е раст од 9,7 проценти во однос на годинава. Растот на пензиите ќе продолжи и во наредниот период, со цел поддршка на стандардот на пензионерите, рече Кочоска.  Капиталните инвестиции се проектирани на 650 милиони евра или пониско од годинава. Најмногу пари ќе се издвојат за автопатите кои ги гради Бехтел и Енка како и за инфраструктура.

Буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5 проценти од БДП или 637 милиони евра. До година ќе се задолжиме околу 1,7 милијарди евра.

„Финансирањето е предвидено  950 милиони евра со еврообврзница да оди, дополнително можеби тој дел и износ ќе се зголеми затоа што 350 милиони  евра дополнително се предвидени странско задолжување и уште 400 милиони евра на домашниот пазар“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.

Проекциите се БДП догодина да порасне 3,8%, а инфлацијата да изнесува 2,5%.