Со зголемениот број на заразени од Ковид 19, во последната недела, значително порасна и бројот на телефонските повици во итната медицинска помош. Од таму информираат дека иако граѓаните постојано се јавуваат барајќи лекарска помош и совети, тие не се во можност секогаш да одговорат на нивните барања, бидејќи како што велат, приоритет имаат оние пациенти кои се во исклучително лоша состојба и се животно загрозени.
„Се јавуваат за сите нивни потешкотии сметајќи дека Брза помош може да дојде и едноставно да им го реши проблемот и да ги смести во болница. Птеката е, да се извести матичниот лекар и тој да им обезбеди место за преглед во еден од ковид центрите. Мора да се вклучат матичните доктори, затоа што Брзата помош не може да ги земе пациентите и да ги однесе во болница без претходен договор со матичните лекари. Ако ситурацијата е под 90 тогаш ние превземаме во истиот момент и се обидуваме со помош на кислород влез во болниците.“, вели Весна Неделковска.
Според Неделковска работата на брзата помош е преоптоварена со појавувањето на корона вирусот, каде што во еден ден има над 120 интервенции од кои дури 60 проценти се поврзани со ковид.
„Најголемиот број се поврзани со Ковид, а 30 или 40 проценти не се ковид, бидејќи ние работиме и со други случаи. Пред само една минита имавме сообраќајка, а има и луѓе кои имаат проблеми со срцето и притисокот.“, изјави Неделковска.
Во однос на состојабата во ковид центрите, се помалку слободни кревети, а се по повеќе хоспитализирани со коронавирус. За само девет дена од 682 бројот на хоспитализирани лица во Ковид центрите се искачи на 899. Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 43 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, или вкупно 353 лица се на лекување на инфективните оддели во главниот град. Токму ваквата алармантна состојба е причина и за тоа што Комисијата за заразни болести побара воведување на полициски час.
