Расте бројот на заразени деца, вo вторник тргнуваат на училиште, ќе треба да носат маски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првата детска амбасада со светот „Меѓаши“ побара наставата да почне онлајн, барем до март. Според претседателот на амбасадата, Драги Змијанац, овој начин на учење е попрактичен, бидејќи децата веќе имаат електронски уреди. Предлага во март кога ќе почнат да растат температурите, наставата да се одржува во природа, бидејќи, како што вели, на тој начин децата нема да имаат потреба да носат маска.

Но, директорот на Клиниката за белодробни заболувања, Бесник Зеќири, вели дека е подобро децата од основното и средното образование во школските клупи да се вратат со маски и барем еднаш неделно да прават брзи тестови. Зеќири додава дека бројот на децата кои се обратиле за помош бележи пораст од средината на јануари.

Докторот Никола Пановски смета дека почетокот на второто полугодие требало да се одложи до затоплување на времето, бидејќи како што вели, не би изгубиле ништо. Ако сега има зголемување на бројот на ковид-случаи, најмногу ќе претрпи економијата, истакнува тој, додавајќи дека нашата држава нема капацитет секоја недела да ги тестира учениците.  

Во однос на носењето маски кај децата, лекарот Злате Мехмедовиќ вели дека се потпира на препораките на СЗО.

Второто полугодие од учебната 2021/22 почнува во вторник со физичко присуство и носење заштитна маска.