Расте бројот на заразени во Куманово – секој трет тестиран е позитивен на ковид-19

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бројот на заразени со коронавирус во Куманово постојано е во нагорна линија, а зголемен е и бројот на тестирања. Директорот на Центарот за јавно здравје, Ариф Љатифи потврдува дека речиси секој трет тестиран преку системот „Мој термин“ е позитивен, а малку на број се позитивните случаи регистрирани преку приватно тестирање. Малиот број на заразени, новогодишните празници и доаѓањето на печалбарите, според Љатифи, се причини кои довеле до зголемување на позитивните случаи.

„Последниве денови имаме пораст. На 3-ти месецов имавме само 12 случаи, а веќе од 4-ти јануари почна да се удвојува бројката, па така сега имаме по 25, 28 и 30 позитивни од 100 или 150 тестирања на ден. Собирањето на луѓе на затворено, како и недоволното почитување на мерките, придонесе луѓето да се ослободат, да не се плашат многу од коронавирус, со оглед на тоа што имавме исклучително мал број заразени“, посочи Ариф Љатифи.

За да се преброди оваа тешка ситуација која може да доведе до нов бран, Арифи ги повикува граѓаните да ги почитуваат ковид-мерките за заштита.

„Мерките се како порано, треба да се почитуваат. Би било добро да не се собираат, да ги избегнуваат групирањата бидејќи секаков вид контакт со луѓе и со оглед на тоа дека ние не знаеме дали некој е позитивен или негативен, може да доведе до заразување на друго лице“, додава Ариф Љатифи.

Центарот за јавно здравје во Куманово има капацитет за тестирање од 200 до 300 лица на ден. Доколку се јави потреба, Арифи вели дека можат да го зголемат бројот на тестирања и дека се подготвени да работат и во две смени. Во моментов во Куманово има над 200 активни случаи на Ковид-19.