Разбиена мрежа за трговија со дрога во Скопје, над 20 лица уапсени, по други се трага – следени биле со ПИ мерки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Грчец, Гази Баба, Чаир и Сингелиќ. Над една година, 21 лице од овие скопски населби биле следени на секој чекор, а полицијата утрово ја разби мрежата која тргувала со дрога.

„Приведени се 21 лице, пронајдена и запленета дрога, автомобили, пари, мобилни телефони.“, велат од МВР.

Дел од приведените се наоѓаа во полициската станица Карпош, а по сослушувањето се изведуваат пред судија на претходна постапка.

„Ние имаме докази дека овие приведени лица, сториле кривично дело недозволена трговија со опојни дроги и прекурсори не сакавме пред акцијата да спроведеме финансиска истрага, се плашевме да не ни се пробие цела акција. Но од понеделник ве уверувам дека ќе почне и финансиска истрага.“, изјави Русковска.

Акцијата е се уште во тек, се трага по уште неколку лица, а вклучени се и специјалните единици. Одземени се автомобили, мобилни телефони, пари и дрога.

Во моментов, нема приведени полициски служебници, но обвинителството ќе врши вештачење на мобилните телефони, по што ќе се открие кој се бил во мрежата за трговија со дрога.