„Разбирате дека Србија не го признава Косово“ – Дачиќ очекува екстрадиција на Рамадани, но не и на Радојчиќ во Косово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денеска на средба со неговиот македонски колега, Панче Тошковски на граничниот премин „Табановце“ беше прашан дали мртвото тело на Фатон Хајризи ќе биде вратено на Косово. Дачиќ рече дека МВР не одлучува за тоа и дека не ја знае процедурата.

„Сега навистина не знам, бидејќи тоа е вон тоа што е за полицијата. Тоа прашање треба да го поставите кај тие кои вршат истраги и не знам како се делува во вакви ситуации“, порача Ивица Дачиќ.

Поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани пред неколку дена беше уапсен во Македонија по налог за апсење од Србија, а сега се наоѓа во притвор во Скопје. Но, дали се очекува тој да биде екстрадиран во Србија?

„Ние, многу луѓе кои учествувале во тие злосторства во текот на војаната, сме ги процесирале и сме пуштиле налози. По тие налози, дел беа амнистирани. Чекаме да се донесе одлука за екстрадација, но тоа е внатрешно прашање на РСМ“, порача Ивица Дачиќ.

Дачиќ очекува Рамадани да биде екстрадиран, но на прашањето дали Милан Радојчиќ ќе се екстрадира во Република Косово, рече дека такво нешто е невозможно.

„Не знам дали разбирате дека Србија не го признава Косово како независна држава и тоа е апсолутно невозможно. Косово… Немаме директна соработка со претставниците… Тоа се привремени институции, во рамките на одлуките на Обединетите нации. Се што правиме, правиме со ЕУЛЕКС и на тој начин добивавме, баравме и дававме информации поврзани со тие процеси. Не е можна екстрадиција во Србија. А, Србија е земја која го опфаќа и Косово, според Обединетите нации“, вели Ивица Дачиќ.

Инаку, денеска на граничниот премин Табановце започна акцијата „Вози одморен“. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, заедно со својот српски колега истакна колку е важно да се вози одморен, за да се избегнат сообраќајни несреќи. За отворањето на граничниот премин Миратовац – Љојане, одамнешно барање на граѓаните, министерот Тошковски рече дека секоја тема што е важна за граѓаните на Македонија, но и за граѓаните на Република Србија, заслужува барем да се разговара.