Ребаланс на буџет – реалокација на средства меѓу буџетските корисници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе се прекројува ли веќе прекроената државна каса?! Ќе има ли повеќе пари за справување со пожарите кои ја зафатија земјава?! Ова се барања на опозициската СДСМ, откако вчера ги повлекоа преостанатите 142 од вкупно 160 амандмани на ребалансот за буџетот, за да достават два нови комисиски амандмани.

„И вториот амандман кој што ќе го побараме, е да донесеме, односно да се прифати, амандман со кој што ќе одделиме финансиски средства, а за јакнење на капацитетите за справување со пожари.“, изјави Оливер Спасовски од СДСМ.

Амандманите ги повлече и ВРЕДИ. А Комисиската расправа за ребалансот на буџетот денеска продолжи со преостанатите триесетина амандмани од политичките партии ДУИ и Левица.

Тоска: Се бара да се обезбедат средства од 4 милиони евра за завршување на стадионот во Тетово.

Јанкулоски: Амандманот не се прифаќа.

А препукувањата околу парите продолжија од партиските говорници.

„Со добро раководење на Буџетот, има и за ЕКСПО, и за плати, и за повредените од Кочани и за модернизација на опрема за справување со пожари. На СДС им е чудно како е можно да има средства и за ЕКСПО, и за плати, и за повредените од Кочани и за модернизација на опрема за справување со пожари, бидејќи они беа навикнати на крадење и несоодветно трошење на пари од Буџетот.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Вкупните приходи со ребаланост се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, по еден процент (околу 3,5 милијарди денари) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за годинава. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП. Капиталните расходи, пак, на износ од 47,5 милијарди денари.