Ребалансот на буџетот пред пратениците – Бесими очекува конструктивна дебата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ребалансот на буџетот треба да се најде пред пратениците во Собранието, а првиот финансиер Фатмир Бесими вели дека очекува конструктивна дебата. Во одбрана на ребалансот, Бесими вели дека има за цел зајакнување на инвестициите, економска поддршка, но и заздравување од ковид кризата.

Министерот за финансии вели дека причините за ребалансот не се само зголемените расходи, туку причина се и зголемените приходи.

„Ние имаме 46,2 милијарди денари со ребалансот дефицит што всушност е повисоко во однос на првичниот планиран во текот на оваа година, 35 милијарди денари но сепак е пониско од тоа што беше во текот на 2020 година односно од 4,9 на 6,5 отсто од бруто домашниот производ ќе биде дефицитот и тоа воглавно се финансира сразмерно од домашни и странски пазари. Ние веќе на странски пазар се задолживме со еврообврзница која успеавме да ја имаме една од најниските каматна стапки, 1.6 – 2.5 % и остатокот ќе биде од домашниот пазар, меѓудругото враќаме и 500 милиони евра обврзница од претходно, што е со камата над 4 отсто“, истакна Фатмир Бесими.

Со фискалната стратегија се планираат и нови инструменти за финансирање, а тоа се развојна обврзница и зелената обврзница.

„Разликата од досегашниот период овие обврзници ќе значат дека тие средства ќе се користат исклучиво за капитални инвестиции, а зелената обврзница исклучиво за проекти кои значат поддршка на зелен развој односно зелената агенда“, посочи Фатмир Бесими.

Во буџетот со ребалансот се предвидува и нова програма за зелен развој на ниво на Владата каде што ќе има и дополнителни мерки. Расправата по Ребалансот на Буџетот во Собранието ќе почне на 1. јули, за кога е закажана седницата на матичната Комисија за финансирање и буџет.