Речиси еден милион луѓе се евакуирани на Филипините пред доаѓањето на супертајфунот Фунг-вонг, кој предизвикува силни ветрови и поплави во некои делови од земјата, објавија денес тамошните власти.
Досега се евакуирани 916.863 луѓе, изјави висок функционер за цивилна одбрана Рафаелито Алехандро во обраќањето пред новинарите.
Од ноќта кон понеделник се очекуваат налети на ветер што можат да достигнат и до 230 километри на час.
Источните делови на Филипините веќе се погодени од обилни дождови и ветрови, изјави синоќа претставник на метеоролошката служба.
Источниот регион Бикол е првиот дел од Филипините што е директно погоден од бурата утрово, додека Лузон, најнаселениот дел од земјата, се очекува да биде погоден вечерва. Овој тајфун доаѓа само неколку дена по претходната бура Калмаеги, која остави зад себе пустош и 200 мртви.
Неколку училишта ја откажаа наставата за понеделник или се префрлија на онлајн настава, додека „Филипин ерлајнс“ откажа неколку локални летови пред пристигнувањето на тајфунот.
