Дали познавањето македонски јазик за Албанците е задолжително, ова прашање на премиерот Христијан Мицкоски му го постави пратеникот Скендер Реџепи од коалицијата Европски фронт. Тој притоа рече дека меѓу министрите било речено дека поради економската криза наводно било предложено да се укинат преведувачите на албански јазик.
-Провладините медиуми заедно со владините министри во последно време отворија едно прашање дали во оваа економска криза дали има потреба министрите во Владата да имаат преведувачи Албанци и дали македонскиот јазик треба да биде задолжителен јазик за сите граѓани. И премиерот им рекол и на министрите Албанци дека ако не зборуваат македонски ќе ги разреши, изјави Скендер Реџепи од Европски фронт.
Премиерот Мицкоски му одговори дека македонскиот јазик според Уставот е официјален на цела територија, но дека исто така официјален јазик е и албанскиот. Ако ги ставите слушалките ќе видите дека се преведува на албански, јас немам проблем со ниту еден јазик, одговори премиерот.
-Не ми пречи мене, не знам зошто имате потреба да викате. Напротив, апсолутно не ми пречи, слободно да си го користите албанскиот јазик, дури и се трудам да го учам и да го научам, еве отворено ќе ви кажам. И се надевам дека за некоја година ќе можам и јас да не ги користам слушалките и кога зборувате на албански јазик вака грлато кога мислите дека некој ќе се уплаши од тоа ќе можам да го разберам тоа што го кажувате, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Реџепи исто така го постави и прашањето за тоа дека се повеќе Албанци се отпуштаат од работа, на што Мицкоски одговори дека во април законот за правична застапеност кој го помина и филтерот на Венецијанската комисија ќе се најде пред пратениците.
