ДУИ веќе почна со стратегијата за сеопфатни реформи во партиската структура. Пратениците од оваа партија потпишале Кодекс за добра пракса во полето на политичките партии, усвоен од Резолуцијата на Венецијанска комисија и Парламентарното собрание на Европскиот совет. Тоа ќе го потпишат и другите членови на партијата, со чиј критериуми ќе се истражуваат сите. Потпретседателот на оваа партија, Арбр Адеми, за ТВ21 изјави дека за секоја нерегуларност што ќе се утврди со факти ќе се преземат ригорозни мерки.
„Секако, првиот чекор е исклучување од ДУИ, ќе има конкретни мерки, но знаете дека ДУИ е поборник за таков пристап во борбата против корупцијата, ние сме единствената политичка партија во државата која тогаш официјално се обративме до СЈО, но и до редовното Обвинителство, за комплетен ветинг, од неговото формирање, до денес. Затоа ова е само дополнителен чекор за дополнително зајакнување на контролата во ДУИ“, вели Арбр Адеми.
Адеми во изјава за ТВ21 рече дека процесот ќе биде транспарентен, притоа потенцирајќи дека за истото се консултирале и се консултираат со меѓународни и домашни експерти.
„Секако дека се консултирани меѓународни и домашни експерти, сега се консултираат и ќе се консултираат во иднина, во соработка со Секретаријатот за правосудство, за правда во ДУИ, кои ќе бидат активен дел од овој процес“, додаде Арбр Адеми.
Во ДУИ неколкупати имаше реакции дека на секој митинг или активност во првите редови се исти луѓе, но другиот потпретседател Бајрам Реџепи вели дека би било самоубиство доколку се тргнат сите стари членови.
„Иако се создава впечаток дека има група во разни партиски тела кои се таму од почетокот на ДУИ, дали верувате дека и тоа е потребно? Не можете да ја реформирате партијата така што од утре да нема ништо од минатото, сите ќе бидат нови, ова би било политичко самоубиство, потребно е да има и фигури кои биле тука од почетоците на ДУИ, и постојано треба да се менува, и изборите во американскиот сенат не се случуваат на начин да се менуваат сите сенатори туку само 1/3 на секои две години“, вели Бајрам Реџепи.
Првиот чекор во оваа насока ДУИ го направи во Струга кога назначи в.д. претседател на огранок, Фатон Положани.
