Реформи во моделот на субвенции – средства ќе добиваат оние земјоделци и сточари кои ќе имаат свои производи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поголемо производство на домашна храна а помалку увоз, како и праведна распределба на субвенциите, ова е предвидено во буџетот за земјоделството за идната 2023 година. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски вели дека со реформата во распределбата на субвенциите ќе се воведе начин тие да бидат доделувани на оние кои што навистина произведуваат а не како досега што се пријавуваат за средства само врз основа на тоа што поседуваат земјоделско земјиште. Во иднина тие ќе треба да приложат доказ дека имаат производи од тоа земјиште па покрај авансната исплата од 30 посто ќе им биде исплатен и другиот дел. На реакциите на земјоделците дека им се кратат субвенциите тој рече дека тоа не е точно и дека за идната година ќе бидат најголеми досега. Новиот начин на распределба го правевме и со здруженијата на земјоделците, рече тој.

„Не се намалуваат субвенциите туку напротив имаме најголем буџет за субвенционирање досега. Еве во сточарството да земеме, затоа велиме денеска за високомлечните крави 30 посто зголемени субвенци, за овците 100 посто зголемени субвенции.  Поединци кои што би биле погодени од тоа што земале на некој начин субвенции досега а не произведувале или се наоѓаат во елиминирањето на манипулациите кои што досега можеби биле научени да ги прават не се земјоделците кои што произведуваат храна и кои што домаќински и вредно работат во македонското земјоделство“, вели Љупчо Николовски.

И премиерот Димитар Ковачевски истакна дека со ваквата реформа парите ќе ги добиваат оние на кои им се најпотребни. Рече дека за следната година ресорот земјоделство ќе го има најголемиот буџет досега, кој, како што истакна е развоен.

„Земјоделците ќе имаат авансна исплата на субвенциите, ќе ги добиваат парите тогаш кога им се најпотребни да можат навреме да се подготват за новата производствена сезона, да можат да вложуваат во модернизирање и зголемување на производството. Во тој контекст дополнителна поддршка добиваат оние земјоделци кои ќе се насочат кон производство на стратешки култури со користење на сертифицирано семе и производот ќе го предадат кај регистрирани капацитети или земјоделски задруги. Дополнителна поддршка е предвидена и за земјоделците кои од своето производство создаваат финален производ за продажба“, порача Димитар Ковачевски.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ критикуваат дека со овој буџет не се поттикнува производството и не се решаваат проблемите на земјоделците.

„Во буџетот за 2023, како гломазен нема предвидено ниту средства, ниту има стратегија како ќе се реши проблемот со пласманот на земјоделските производи. Нема пари за исплата на заостанатите субвенции, нема пари за инвестиции во земјоделството, нема пари за инвестиции во водостопанството, ниту за исплата на штетите од временските непогоди во изминативе неколку години“, вели Цветан Трипуновски.

Буџетот во земјоделието за идната година изнесува 193 милиони евра што е за 45 милиони евра поголем од оној за 2022 година. Само 114 милиони евра се предвидени за исплата на субвенциите и спроведувањето на реформата во земјоделството.