За време на посетата на Кичево, на новинарско прашање за исполнување на обврските од Реформската агенда, премиерот Мицкоски одговори дека сите 10 преостанати обврски ќе бидат завршени, доколку надвладее разумот кај опозицијата.
„Имавме состанок со г. Герт Јан Копман, кој во рамките на Европската комисија го движи тоа, сите сме оптимисти дека од оние 10 можеме да испорачаме девет и пол, а може и 10 коишто се во грејс-период, буквално така заклучивме. Еден или два чекори зависат од учеството на опозицијата во нив, т.е. еден во овој грејс-период, а тоа е Изборниот законик. Се надевам дека таму разумот ќе преовлада, дека ќе се вратат во работната група и ќе го усвоиме сите заедно овој реформски закон, затоа што реформите не се само промени на Уставот“, рече Мицкоски.
На ова реагираа од опозицската СДСМ, со соопштение во кое велат дека Мицкоски повторно се обидува да ја префрли вината на СДСМ за сопственото нефункционирање и дека кога не успеал да исполни ништо, повторно бара „разум од СДСМ“.
„Основниот услов за продолжување на преговорите со ЕУ е внесување на малцинствата во Уставот. Без тоа – нема напредок кон ЕУ, нема преговори, нема ништо. Мицкоски нема да заврши реформите затоа што не сака да ги заврши. Не сака независно судство, не сака Европско јавно обвинителство и не сака да ги исполни европските услови. СДСМ нема да му даде алиби за неисполнување на реформската агенда. Мицкоски не сака ЕУ. Тој сака само власт без контрола и без одговорност за да тера бизниси“, се вели во реакцијата на СДСМ.
