Со вклученоста на парламентите процесот е покредибилен, инклузивен и транспарентен и тие обезбедуваат дека заложбите преземени во Брисел се преточени во вистински реформи дома. Ова во своето излагање го истакна вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали, кој нагласи дека улогата на парламентот е особено важна во донесувањето на реформската агенда.
„Нашиот пат кон Европската унија ќе биде посилен кога ќе биде поддржан од силни парламенти, одговорни институции и добро информирани граѓани. Дозволете ни да продолжиме да работиме заедно со цел да го направиме процесот на проширувањето подемократски, потранспарентен и да се осигуриме дека секоја реформа ќе го донесе нашето општество поблиску до вредностите и стандардите на Европската унија“, рече Беким Сали.
Според Јан Аксел Фос вд амбасадор на Германија, земја која заедно со Франција почнаа да притискаат за подинамичен процес на проширувањето на Европската унија, рече дека парламентите играат важна улога во процесот на приближувањето на националното со европското законодавство.
„Парламентите се тие што го усогласуваат националното со европското законодавство. Тие се форум за јавна дебата, тие се форум за градење консензус што не секогаш е возможен но, истиот многу помага во градењето на доверба во јавноста, го поддржуваат процесот преку парламентарни дебати, го поддржуваат реформскиот процес кој што од вас го бара Европската унија“, порача Јан Аксел Фос вд амбасадор на Германија.
Антонио Милошоски вели дека во нашето општество е постигнат широк национален консензус за европските интеграции. Тој рече и дека усогласувањето на националното со европското законодавство оди добро, но посочи дека проблем претставува неговото функционирање.
„Не е едноставно да се транспонира европското законодавство во националното законодавство и чекор по чекор стигнуваме да ја сработиме оваа задача. Би рекол дека потешка задача е имплементирањето на усвоеното законодавство во вистинскиот живот, во институциите, но уште потешко е да се влијае или да се постигне консензус меѓу земјите членки на Унијата за тоа дали проширувањето на Унијата е или не е приоритет“, вели Антонио Милошоски.
Конференцијата продолжува и утре со втората сесија на тема „Од документи за јавни политики до реалност, можни сценарија за новиот тек на процесот на проширувањето, што ќе даде преглед на актуелните политики и случувања на ниво на Европската унија во однос на можните новини во методологијата на пристапување кон ЕУ.
