Реизбрани 5 обвинители за гонење на криминал ВМРО-ДПМНЕ: Со овие обвинители, криминалот во земјава „цвета“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Советот на обвинители избра петмина обвинители за гонење на корупција и организиран криминал, односно беа реизбрани истите обвинители на кои што во февруари им истече мандатот. Претседателот на Советот, Антонио Јолевски, рече дека лично кај него немало политичко влијание во однос на изборот на обвинители и дека такво нешто не слушнал ниту од неговите колеги.

Обвинителите кои добија уште еден мандат се: Марија Ѓорѓиева, Валентина Бислимовска, Енѓелуше Кадриу Леши, Ивана Трајчева и Сузана Мирческа Кузмановска. Според ВМРО-ДПМНЕ реизбраните обвинители се главните виновници што земјава на последните мерења се рангирала како земја со висок криминал.

Меѓутоа Јолевски, истакна дека изборот на обвинители е направен согласно досегашните резултати и од презентираното на седницата. И според јавниот обвинител, Љубомир Јовески, станува збор за независни и професионални обвинители кои успешно вршеле доверливи работи.

Други обвинители кои што конкурираа, но не го добија мнозинството гласови се: Арсим Адеми, поранешната специјалната обвинителка, Елизабета Јосифовска, Наташа Сарамандова и Златко Биковски, додека обвинителката Имран Османи доби негативна оцена од Вишото обвинителство поради тоа што не ги исполнува условите.