Повеќе од осум месеци откако судечкиот совет на чело со Васка Николовска Масевска ги осуди Катица Јанева и Бојан Јовановски на казна затвор, судиите во Апелација сè уште не донеле правосила пресуда.
„Јавна седница за предметот „Рекет“ ќе биде закажана во април или мај.“, соопштуваат од Апелација.
Иако од Кривичен до Апелација има само стотина метри, пресудите по одредени предмети стигнуваат и по неколку месеци.
Пресудата за случајот „Таргет-тврдина“ е во фаза на пишување, а рокот за тоа е 60 дена, по што треба да биде испратена и да почнат да течат роковите за жалби.
Судејќи според досегашната пракса, скопскиот Апелационен суд има различна брзина во однос на предметите од организиран криминал. На пример за предметот „Труст“ на судиите им беа потребни осум месеци, а за „Тенк“ пет месеци за правосилна пресуда.
Имајќи предвид дека случајот „Таргет-тврдина“ во кој се неправосилно осудени Сашо Мијалков, Гордана Јанкуловска и деветмина други, извесно е дека на судот ќе му требаат многу месеци за да донесе пресуда во втор степен.
Ова е долг период за обвинителството, бидејќи првообвинетиот за прислушување и уништување на опремата во притвор може да се задржи најмногу 60 дена, со оглед дека во неговиот случај станува збор за обвинителен предлог.
„Согласно законот се води скратена постапка односно по обвинителен предлог каде роковите за притвор се навистина кратки и заради тоа по објавата на пресудата максималната должина на притворот е до 60 дена.“, вели Ленче Ристовска.
Од друга, страна, на екс-шефот на УБК му се суди и во „Титаник 2“, „Тортура“ и „Трезор“, а осомничен е во предметите „Империја“ и „Плацовите на Водно“, па доколку има опасноста од бегство би можел притвор да се побара и во некој од другите предмети.
Токму поради ваквите случаи, порача обвинителката Ленче Ристоска треба да се отвори дебата дали можеби е потребна промена во законот.