Северна Македонија денеска бележи рекорден број на регистрирани случаи со Ковид-19. Во последните 24 часа се регистрирани 44 случаи на заразени и 2 смртни случаи. Со ова, вкупната бројка на заразени се искачи на 329, а бројот на починати на 9. Станува збор за 47 годишен маж од Куманово и 79 годишен маж од Дебар.
Најголемиот број на новозаразените се од Куманово. Со тоа, Куманово е во иста состојба со Дебар, со 47 заразени лица. Дебар веќе е во целосен карантин, но истото засега не мислат да го направат и со Куманово, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Иако беше прашан – колкав треба да биде бројот на заразени во Куманово да прогласи целосен карантин, Филипче повторно рече дека треба да почекаме уште неколку дена. Пред неколку дена и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски побара карантин за градот.
Брисеви за тестирање на коронавирус им се земена на две лица кои починале, а кои биле во домашна изолација, едниот од Битола, а другиот од Лабуништа, Струга. Сѐ уште се чекаат резултатите. Филипче информираше и за состојбата на Заводот за физикална рехабилитација во Скопје во Козле. Веќе е донесена одлука Заводот да се затвори, но тоа ќе се случи до крајот на неделата. Отворени се и пунктови за мобилни тестирања кои ќе можат да се користат главно за тестирање на постарите лица. Со ова, се очекува двојно да се зголеми капацитетот за тестирање.
