Решение за најтешкиот дел од автопатот – Ботун ќе се стабилизира со специјална железна конструкција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Домашни и странски експерти најдоа решение за најтешкиот дел од автопатот Кичево–Охрид, односно подрачјето околу селото Ботун. На ова место теренот на кој се изведуваат градежните работи е составен од црна графитна земја, а под планината има извори на вода кои, при мешање со земјиштето, предизвикуваат нестабилност на теренот. Ова е и причината поради која оваа, последна делница од автопатот, досега не можеше да биде пуштена во употреба.

„Секоја од овие машини влегува во земјата во должина од околу 20 до 28 метри. Само вака за да имате слика, тоа е помеѓу 7 и 11 ката зграда. Значи се влегува во земјата 7 до 11 ката надолу, се спуштаат арматурни кафези. Секој арматурен кафез тежи по 30 тона железо. Значи секој арматурен кажез има по 30 тона железо и истите после тоа се поливаат со бетон. Помеѓу нив има цевки и има челични јажиња кои што ги држат едните со другите и практично ние под земјата создаваме една целосна структура која што треба да ја држи основата на автопатот. Вакви решенија ќе се направат вкупно 250 на автопатот Охрид –Кичево, од кои што 163 ќе се кај Ботун.“, вели Александар Николоски.

Овој начин на работа ќе биде нов не само за Македонија, туку и за целиот регион.

„ Значи косините, стабилизацијата на косините е еден од главните проблеми на овој проект од Кичево до Охрид. Поради тоа направени се геоистраги, дополнителни, откако дојде новата власт со премиерот Христијан Мицкоски, министерството за транспорт и врски, министерот за транспорт и врски, дополнително се направени геоистраги во должина од 7 километри, 7.000 метри на околу 400 до 500 локации, со различна длабина за да се види составот на земјиштето каков е долу во долниот дел“, вели Коце Трајановски.

Автопатот Кичево–Охрид е долг 57 километри. Досега се изградени 37 километри, од кои 34 се во функција .Во следните два месеци се очекува да биде пуштен во употреба и најтешкиот дел — тунелите кај Пресека, во должина од околу 10 километри. Последната делница од автопатот Кичево–Охрид се очекува да биде пуштена во употреба во првиот квартал од 2027 година.