Во РСМ не може да се каже дека албанскиот јазик бил службен и сега се загрозува. Во РСМ нема Закон за употреба на албанскиот јазик и немало ниту во минатото. Постои закон за употреба на јазиците каде е истакната шифрата од 20%, но тој не е закон за албанскиот јазик, туку е Закон за употреба на јазиците, изјави премиерот на Косово, Албин Курти.
Вака вчера рече косовскиот премиер, Албин Курти по заедничката меѓувладина седница во Приштина, при што предизвика бурни реакции особено кај албанската опозиција.
Од ЕФ реагираа преку заедничко соопштение каде се вели дека е за жалење што премиерот на Косово дава изјави кои се совпаѓаат со наративите кои имаат за цел да ги поткопаат правата на Албанците во Северна Македонија.
Синоќа од Бутел потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, изјави дека тие делувале 15 години по ред.
-Јазикот е загрозен и денес потрагично е што Приштина создаде изговор да го уништи јазикот. Јас бев еден од лицата кој го делегираше господинот Ахмети за јазикот… Албанскиот јазик 15 години не успеа да биде усојен бидејќи разликите беа големи. Велевме дека е службен јазик на цела територија, велеа не само во општините. И успеавме по 15 години, изјави потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи.
Од коалицијата ВРЕДИ велат дека и понатаму остануваат на линија со косовскиот премиер Албин Курти. Вицепремиерот од оваа коалиција Арбен Фетаи рече дека токму Бујар Османи кога бил министер се изјаснил дека во овие работи се однесува како меѓународната заедница.
-Сега кога се во опозиција, им текнува дека статусот на албанскиот јазик не е регулиран, дефиницијата за јазикот што го зборуваат над 20% од населението не е регулирана! Колку пати е отворен Уставот тие се противеа и сега ја наследивме оваа состојба. Како што кажав, во првиот момент дека ќе се отвори Уставот, ќе вложиме максимални напори да се избрише дефиниција 20% за албанскиот јазик, изјави Арбен Фетаи, вицепремиер од ВРЕДИ.
Согласно Законот за употреба на јазиците во Северна Македонија, член 1 став 2 се вели дека: „Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик и неговото писмо, во согласност со овој закон“.
Предлозите на Венецијанската комисија за неколку члена и 13 иницијативи на македонски политички партии, невладини организации и поединци формираа предмет во Уставниот суд, при што се очекува на 11 декември да се одржи седница за утврдување на уставноста на делови од законот чие надополнување е направено во 2018 година, за употреба низ целата држава, но никогаш не е целосно имплементирано.