Резолуцијата за Бугарија до петок в Собрание – Османи бара документот да се врати на почеток

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Утре или најдоцна до крајот на неделава ВМРО-ДПМНЕ ќе ја достави Резолуцијата до Собранието за утврдување на државните црвени линии во преговорите со Бугарија. Од оваа партија повторно ги повикаа сите политички субјекти да заземат единствен државен став кој е во интерес на сите граѓани. Но од партиите на Албанците и натаму со изјави за воздржаност кон оваа Резолуција. Реакции во јавноста предизвика и изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи во Утрински брифинг кој рече дека процесот на договарање за ваква резолуција треба да почне од почеток.

„Мојот став е дека не треба да се брза со вакви прашања, еве ако ме прашувате како ДУИ, бидејќи сум и претставник на ДУИ, ставот наш е дека овој процес да се започне од нула, да седнат политичките партии. Ако треба да се донесе некаква Резолуција треба да биде производ на консензус помеѓу сите а не наметнато од една политичка партија. Се плашам дека од државна во етничка позиција е најголемата штета што може да се направи“, истакна Бујар Османи.

Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека не треба да се става етнички предзнак на една ваква Резолуција која како што истакна гради една државничка позиција а дека овој текст е подготвен од академици во МАНУ и професори на УКИМ кои се стручни и професионални а не од една партија. Министерот Османи не би сакал да биде министер кој што е против заштита на лични и на колективни права, рече Муцунски.

„Беше доста експлицитно и политичко одбивањето и пак ќе кажам, мислам дека тоа е параван на теснопартиските интереси на ДУИ. Содржината на оваа Резолуција произлегува не од поединци во нашата партија. Содржината на оваа Резолуција произлегува од ставови дадени на врвни научни институции во нашата држава“, посочи Тимчо Муцунски.

Од СДСМ се изјаснија дека ја прифаќаат Резолуцијата, но дали има ретерирање со оглед на тоа што велат дека идентитетските линии се секому познати. Оттаму  повторуваат дека за македонскиот идентитет и јазик нема да се преговара со никого.

Македонските идентитетски линии на сите граѓани, секако и на целата меѓународна јавност им се познати, секојдневно потврдувани и секојдневно повторувани. Она на кое што ние ќе се посветиме во претстојниот, исто како и во изминатиот период е на изнаоѓање решение со Бугарија и целосно посветени на интегративнио процес на државата кон ЕУ“, посочи Богданка Кузеска.

И од Алијанса и Алтернатива без конкретен став околу Резолуцијата, но велат дека треба да се предложи и резолуција за внесување на албанскиот јазик во Уставот.