Роаминг како дома оваа година? Андоновски: Македонија ќе биде земја со исполнети услови за Роаминг

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Веќе месеци наназад министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најавува дека многу скоро ќе се активира системот „Роаминг како дома“ во кој граѓаните кога ќе одат во земјите од Европската унија ќе можат да зборуваат и да користат интернет по цени како во земјава. Европската комисија предложи отворање преговори за вклучување на земјите од Западен Балкан во европската зона Роаминг како дома но откако целосно ќе се усогласиме со европската регулатива за електронски комуникации и роаминг правилата во важат во Европската унија. Министерот Андоновски уверува дека измените веќе се испратени до Европската унија.

-Овој период Европската унија веќе ги доби измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации со којшто целосно се усогласуваме со барањата на Европската унија во делот на безбедност, во делот на фер користење на роамингот, во делот на цени, во делот на утврдување на цените прекугранично и очекувам дека овој утврден текст којшто ние веќе го утврдивме на Влада и го испративме до Европската комисија по добивањето на коментарите од Европската комисија ние ќе го испратиме во Собранието и ќе го донесеме, изјави Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.

Министерот Андоновски вели дека очекува да бидеме првата земја од регионов која ќе ги исполни критериумите и дека се надева тоа да се реализира во текот на оваа година.

-Ќе бидеме како што ветив и пред 6-7 месеци првата држава од регионот којашто ќе ги исполни условите за роаминг како дома и со тоа ќе влеземе во преговарање со Европската комисија. Таа ќе биде нашиот застапник пред европските телеком оператори и со нив ќе постигнеме договор. Јас очекувам дека тоа ќе се случува во текот на 2026-тата година, изјави Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.

Македонија веќе има регионален договор за укинување на роаминг во дел од земјите на Западен Балкан кој е во сила од 2021 година.