Родителите на децата од основните и средните училишта не го поддржуваат најавениот скрининг од Министерството за здравство. Речиси 70% од родителите се „против“ нивните деца да се тестираат на Ковид-19, велат резултатите од анкетата што ја спроведоа порталите „Факултети.мк“ и „Деца.мк“.
Анкетираните се изјасниле и „против“ децата да носат маски во училница, додавајќи дека тоа може да влијае негативно врз нив.
„Анкетирани се 1.808 родители, од кои 66,5% (или 1.203) дале негативен одговор. Преостанатите 33,5% (или 605), пак, дале потврден одговор во однос на тестирањето“.
Родителите од иницијативата „Настава мора да има“ со поделени мислења. Нивната претставничка, Драгана Спасевска, истовремено и мајка на три деца, е на став дека скрининг не треба да има и додава дека нема потреба да се тестираат здравите деца, бидејќи, како што вели, самата министерка за образование, Мила Царовска рекла дека вирусот не се пренесува на училиште.
Од Министерството за здравство постојано повикуваат родителите да дадат дозвола за тестирање на нивните деца, со цел успешна реализација на скринингот. Постапката трае еден минута и не е болна, велат од овој ресор за ТВ21.
„По претходно добиена писмена согласност од страна на родителите или старателите на учениците, тестирањата, кои ќе започнат од следната недела, ќе опфатат вкупно 364 основни и 109 средни училишта ширум државата. Најмногу тестирања ќе бидат спроведени во општините Тетово – 546, Куманово – 489, Битола – 378, Прилеп – 309 и Гостивар – 296. Додека пак, во рамки на училиштата на општините и градот Скопје, скринингот ќе опфати 766 ученици“, велат од МЗ.
Собирањето согласност за тестирање на учениците во училиштата почна денеска, а тестирањата ќе почнат следната недела. Ова ќе овозможи безбедна настава и поголема заштита на здравјето на учениците, велат од ресорот здравство.
