Висок функционер во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека средбата меѓу рускиот и украинскиот претседател Владимир Путин и Володимир Зеленски би можела да се одржи во Унгарија, објави Ројтерс.
Во понеделник, за време на состанокот со Зеленски, Трамп рече дека Соединетите Американски Држави ќе помогнат во гарантирањето на безбедноста на Украина во секој договор за прекин на руската војна и дека европските партнери ќе бидат вклучени во него.
Во исто време, и Трамп и Зеленски рекоа дека се надеваат на трилатерална средба со Путин, а Трамп подоцна објави на својата социјална мрежа дека започнал со организирање средба меѓу Путин и Зеленски, во која би учествувал и тој.
Советник на унгарскиот премиер изјави дека Унгарија е подготвена да обезбеди секаква помош за да се олесни постигнувањето на договорено решение. Тој напиша на социјалните мрежи дека ставот на унгарската влада останува непроменет, а тоа е дека траен мир може да се постигне само ако страните се подготвени да ги приближат своите ставови, за што се потребни медијатори, земји кои градат мостови и лидери.
Макрон предлага средбата да се одржи во Женева, Швајцарија, додека се појави информација дека и Рим во Италија би бил во комбинација за средба.
