Амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, повика на поголемо политичко обединување во Македонија, со цел земјата да ги заврши чекорите за започнување на преговорите за членство со ЕУ. Зборувајќи на конференцијата организирана по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи и 25-годишнината од Договорот за стабилизација и асоцијација, Рокас истакна дека ЕУ останува најважен економски и политички партнер на земјата, нудејќи поддршка преку инвестиции, програми и различни фондови.
Според него, актуелните предизвици не се само технички, туку и политички, и бараат решителност и поголема меѓупартиска соработка. Од друга страна, заменик-премиерот за европски прашања Беким Сали истакна дека европската интеграција останува стратешки приоритет на земјата и дека реформите веќе даваат конкретни резултати во клучни области како владеење на правото и економијата.
–Пред 30 години нашиот однос со ЕУ започна како визија, пред 25 години се зацврсти со формален договор, денес е динамична структура и процес ориентиран кон резултати, но да бидеме исто толку јасни… Нашата амбиција е полноправно членство, ништо помалку. Кон оваа цел пристапуваме со сериозност, одговорност и решителност, бидејќи веруваме дека Северна Македонија ѝ припаѓа на Европската Унија – политички, економски и географски, и затоа што ЕУ е посилна, покредибилна и поцелосна со земјите од Западен Балкан внатре, изјави првиот заменик премиер, Беким Сали.
-Ќе се согласам со тебе дека очекувањата беа високи и одговорот беше „со поздрав“, но имало неуспеси и разочарувања низ годините и поентата е да се гледа напред, бидејќи нема сомнеж дека Северна Македонија ѝ припаѓа на европското семејство и всушност сме многу поблиску отколку што мислиме, но сметам дека во овој момент недостасува прагматизам, решителност и желба за обединување низ целиот политички спектар за да се донесе конечната одлука и следните чекори, вели шефот на делегацијата на ЕУ, Михалис Рокас.
