Романските вооружени сили извршија контролирана експлозија со цел да пренасочат поголемо количество вода кон Стариот Дунав и нуклеарната електрана Чернавода, за да се обезбеди подобро ладење на реакторите во услови на екстремно високи температури.
Според романскиот весник „Адеварул“, во операцијата биле употребени околу 180 килограми експлозив за отстранување на голема карпа која го ограничувала протокот на водата.
Вршителот на должноста министер за одбрана, Раду Мируца, ја оцени операцијата како успешна, истакнувајќи дека со неа ќе се подобри снабдувањето со вода неопходна за ладење на нуклеарната централа, но и условите за речниот транспорт на Дунав.
Тој предупреди дека, доколку продолжат екстремните временски услови, можно е нуклеарната централа Чернавода привремено да ја прекине работата. Сепак, според него, секој дополнителен ден во кој електраната останува оперативна има значително поголема вредност од трошоците за изведување на експлозијата.
Романија, како и повеќе земји во регионот, се соочува со продолжен топлотен бран и намалени водостоји на реките, што претставува дополнителен предизвик за енергетската инфраструктура и функционирањето на постројките кои зависат од вода за ладење.
