Романската полиција меѓу навивачите – Македонците и Украинците слават пред натпреварот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поразот од Австрија е заборавен и прославата продолжи пред натпреварот со Украина.

„Една вечер пред натпреварот со Украина, навивачите од Македонија и натаму се во градот. Сега пристигнаа и навивачите од Украина. Ќе одиме таму да видиме како слават заедно“, истакна репортерот на ТВ21.

Полицијата беше во близина, но немаше потреба да интервенира. Тие беа дојдени да се забавуваат и да гледаат фудбал.

„Еве гледате и самите, како да сме во Скопје, како да сме во Македонија. Македонци од сите страни на Македонија. Овде сме обединети, се надевам дека ќе пружиме максимална поддршка и ќе победиме“, посочи навивач.

„Губеле или победувале, оваа атмосфера овде не се опишува. Ќе победиме, не сме дошле за џабе овде“, вели навивач.

Освен од Македонија, за да ја гледаат репрезентацијата на црвено – жолтите, навивачи дошле и од преку океанот.

„Гледате и самите како е овде, сите навиваме од срце и со желба. Ова е вистинска победа“, додава навивач.

ТВ21: Од каде сте дошле?

„Од Торонто,Канада, поздрав до Македонците во Канада“, рече навивач.

Но што мислат украинските навивачи за репрезентацијата на Македонија?

„Македонија е силна екипа. Треба да ја почитуваме оваа екипа. Се надевам дека нашите играчи ќе ја сфатат сериозно“, порача навивач.

„Атмосферата е многу пријателска, многу пријателска. Тоа е нешто природно“, вели навивач.

Повеќето од навивачите од Македонија, за ТВ21 велат дека доколку немаше забрана од Холандија, поради анти- ковид мерките, ќе патувале и за Амстердам да го гледаат третиот натпревар на Македонија.