Романскиот министер за одбрана Јонут Мостеану денес поднесе оставка, откако призна дека не дал точни информации за студиите во својата биографија, објаснувајќи дека не сака неговите лични „грешки“ да ги одвлечат вниманието на властите од клучната задача за заштита на безбедноста на земјата.
„Денес поднесов оставка од функцијата министер за национална одбрана. Го преземам овој чекор одговорно и од почит кон романската армија. Романија и Европа се нападнати од Русија. Нашата национална безбедност мора да се брани по секоја цена. Не сакам дискусиите за моето образование и грешките што ги направив пред многу години да ги одвлечат вниманието на оние кои сега ја водат земјата од нивната тешка мисија“, напиша Мостеану во објава на својата Фејсбук страница, пренесува Аѓерпрес.
Оставката на Мостеану дојде откако дневниот весник „Либертатеа“ претходно оваа недела објави дека неговата биографија содржи неточни информации за тоа кога дипломирал и на кој универзитет.
