Португалската ѕвезда Кристијано Роналдо, ја згрози јавноста во Саудиска Арабија по повод неговото однесување на натпреварот со Ал Хилал, кој неговиот тим Ал Наср го загуби со 2-0, и воедно се оддалечи од титулата.
Роналдо на полувремето изнервиран од негативата, шутна предмет на клупата, а во вториот дел имаше старт врз еден противнички играч, кога нервозен го фати за гуша. На крајот по завршувањето на мечот, од трибините скандираа „Меси, Меси“, по што Роналдо се фати за меѓуножјето.
Познатата правничка и една од најпознатите адвокати во Саудиска Арабија, Нуф Бин Ахмед, најави дека ќе поднесе кривична пријава против Португалецот, и ќе побара негова депортација од земјата.
„Не следам спорт, но дури и дофрлањата од трибините да го испровоцирале Роналдо, тој не знаеше како да одговори на тоа. Неговото однесување е злочин. Непристоен чин кое води кон кривично дело за кое следува апсење и депортација доколку тоа го сторил странец. Во врска со тоа поднесуваме петиција до надлежното министерство за контрола на јавниот ред и мир“, напиша Ахмед на својот „Твитер“.
Новинарите од Саудиска Арабија бараат на Роналдо да му биде раскинат договорот и веднаш да биде избкан од земјата.
