Специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобално ангажирање на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин, денеска ја започнува посетата на Црна Гора, Северна Македонија и Албанија, каде ќе разговара за борбата против руските дезинформации.
Како што соопштија од Стејт департментот, Рубин од денеска до 14 април ќе ги посети Подгорица, Скопје и Тирана.
Рубин пред неговото пристигнување изјави за N1 дека „предметот и темата на посетата се сериозни“, бидејќи на Западен Балкан „постои проблем со руските дезинформации: во Црна Гора, Северна Македонија и во целиот регион“.
„Сакам да работам со владите кои сакаат да бидат дел од европскиот систем и да бидат свет на права и правила каде се почитуваат европските принципи. Сакаме да се обидеме да направиме се за да го елиминираме ова загадување на медиумската средина“, рече Рубин.
Најавено е дека тој ќе се сретне со владини претставници во Подгорица и Скопје за да ја зајакне поддршката за иницијативите против дезинформации.
„Тие ќе разговараат за напорите на Русија, Кина и другите злонамерни актери кои користат дезинформации за да ја поткопаат демократијата и националната безбедност ширум светот и како нашите земји можат колективно да се спротивстават на заканите во информативниот простор“, се вели во соопштението.
