Просечната нето плата за периодот јануари-јуни 2021, во секторот рударство и вадење на камен изнесува 39.324 денари и бележи раст од 6,3 проценти во однос на периодот јануари-јуни 2020 година. Оваа плата е за 36,8 проценти повисока во однос на просечната нето плата на државно ниво.Но, по повод Денот на рударите вицепремиерот Фатмир Битиќи порача дека како високо ризична професија рударите заслужуваат многу повеќе.
„Рударите, но и сите други граѓани, заслужуваат и повеќе. Заслужуваат пристојна плата и пристојни услови за работа. Затоа ја користам оваа можност да апелирам до сите во рударскиот сектор да ги почитуваат своите вработени, затоа што вработените се клучната алка на секоја компанија.Би сакал да посочам дека секторот рударство и вадење на камен бележи и сериозен раст на извозот од 24,8 проценти во првите шест месеци на 2021 година, во однос на истиот период лани, односно извезени се продукти во вредност од околу 100 милиони евра“, посочи Фатмир Бетиќи.
Иако станува збор за високоризична професија смртноста не е поголема од другите дејности во последниве години- вели Николајчо Николов поранешен директор на рудникот „Бучим“. Македонските рудари вели имаат и далеку подобри услови за работа од некои во европските земји. Но, и овој сектор како и останатите се соочува со проблемот недостаток на кадар. Просечната возраст вели во Бучим во одреден момент била 48 години, но со отворањето на новиот погон за лужење биле вработени 60 работници до 30 -годинишна возраст со што се подобрила старосната структура.
„За овие две години, критични и кризни, рударскиот сектор работи добро, не е забележано никакво отпуштање на работници од рудниците. Просечната плата во рударскиот сектор е над 560 евра нето плата. Тоа за рударскиот сектор можеби и не е многу, меѓутоа за нашите услови во РСМ е добар просек, особено ако се земе предвид дека се исплаќа редовно со сите придонеси“, порача Николајчо Николов.
Во вкупното индустриско производство рударството учествува со 10%. Во бруто националниот призвод со 1%. Во извозот само од обоените метали се реализираат 200 милиони евра годишно, сега цените се повисоки, па и бројката ќе биде поголема. Не случајно Богородица е заштитничка на рударите, бидејќи станува збор за тешка професија. Денешниот верски празник на граѓаните од православна христијанска вероисповед им го честитааше државниот врв и политичките партии.
