Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска на свеченото отворање на гасниот интерконектор во Софија изјави дека интерконекторот значително ја менува енергетската карта на Европа.
Пуштањето во употреба на интерконектор меѓу Бугарија и Грција е силен доказ за нашата одлучност и дека нема граници за успех кога сите сме посветени на заедничка иднина“, рече Радев.
Тој оцени дека денешната церемонија и билатералните средби претставуваат планирање за заедничка иднина.
Се сетив на разговорот со грчкиот премиер за стратешката соработка меѓу двете земји, која е столб на стабилноста во регионот. Тој столб сега има физичка димензија и се нарекува интерконектор“, рече Радев.
Според него, воопшто не е лесно да се изгради тој интерконектор, додавајќи дека двете влади напорно работеле за реализација на проектот.
Тој им се заблагодари на компаниите кои го изградија за нивната професионалност, како и на институциите во Грција и Бугарија за поддршката и на Европската комисија за финансиската поддршка, насоките и лидерството.
Интерконекторот е доказ за подобрените технички капацитети на Грција и Бугарија, бидејќи се работи за гасовод од нова генерација со примена на автоматизација на највисоко ниво“, рече Радев.
Радев посочи дека интерконекторот значително ја менува енергетската карта на Европа и дека конечно има, како што рече, вистинско снабдување со гас од Азербејџан.
Како што истакна, Азербејџан бил сигурен партнер кој се придржувал до договорот од пред 10 години.
Тој изјави дека интерконекторот дава нови можности за гас, не само за Грција и Бугарија, туку и за соседните земји, Србија, Северна Македонија.
Како што наведе тој, регионот ќе добие вистинска диверзификација на изворите за снабдување со гас.
„Веднаш по прекинот на испораката на гас од Русија се најдовме во криза и се обративме кон соседите. Ја цениме поддршката на Грција која ни овозможи пристап до нејзиниот систем за транспорт на гас и Турција која ни овозможи пристап до енергетски терминали“, рече Радев.
Радев заклучи дека клучот за успехот лежи во заедничките проекти, интеграциите во сите димензии и заедничкото размислување.
