Русија ја подготвува делегацијата за преговори со Украина во Турција, Трамп и натаму без официјална одлука за учество

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се подготвува теренот за преговори помеѓу Русија и Украина во Истанбул. Претседателот Володомир Зеленски побара лична средба со Путин во најголемиот турски град, но засега нема одговор од Русија дали претседателот Путин ќе отпатува на тие преговори, или ќе учествуваат некои други лица. Преговорите се закажани за утре.

„Руската делегација се подготвува за преговори во Турција. Ќе објавиме кои лица ќе ја преставуваат Русија на тие преговори кога претседателот Путин ќе смета дека тоа ќе биде најдобро“, се вели во објавата на Кремљ.

Претходно и претседателот на САД, Доналд Трамп објави дека размислува и тој да дојде и да учествува на преговорите.

„Уште не е донесена официјална одлука за заминување на Трамп во Турција“, објави Блумберг. Трамп денеска пристигна во Саудиска Арабија каде почнува четиридневна турнеја на посета на земји од Блискиот Исток.

Претседателот на Комитетот за дорбана на руската Дума, Андреј Картаполов изјави дека украинскиот претседател Володомир Зеленски нема моќ и позиција да поставува ултиматуми, откако Зеленски кажа дека бара прекин на огнот во траење од 30 дена, и потоа преговори.

Во меѓувреме на фронтот нападите продолжуваат со несмален интензитет. Најмалку две лица се убиени, а седум повредени во руските напади врз Украина во изминатите 24 часа. Според украинските воздухопловни сили, украинската воздушна одбрана ги собори сите 10 дронови лансирани од Русија преку ноќ. Нападите беа извршени и покрај повикот на Украина и нејзините партнери за безусловно 30-дневно примирје, кое требаше да стапи на сила на 12 мај.

Ултиматумот на ЕУ до Владимир Путин и Русија да се согласат за 30 дневен прекин на огнот, или ќе се соочат со поголеми санкции истече на полноќ. Немаше никаков одговор од Русија.