Оваа недела Москва беше погодена од топлотен бран еднаков на рекордот стар 120 години, изјави руската метеоролошка служба и предупреди дека станува збор за последиците од климатските промени.
Во понеделникот, според агенцијата Росгидромет, температурата била 34,7 степени,колку што била измерена во јуни 1901 година. Во четврток и петок се очекуваат температури над 35 степени.
„Зголемувањето на температурата забележано деновиве во Москва е највисоко во последните 120 години“, истакна метеорологот Марина Макарова.
„Глобалните климатски промени доведуваат до рекордно високи температури во нашиот главен град“, додаде таа. Русија ги следи температурите од 1881 година.
Апсолутен рекорд над 38 степени беше измерен во јули 2010 година, кога западниот дел на земјата беше под влијание на топлотни бранови и големи пожари.
Санкт Петербург, кој се наоѓа на 600 километри северно, исто така беше погоден од топлотен бран со 34 степени овој месец, што не го доживеале од 1998 година.
Според бројни научници, Русија, особено Сибир и Арктикот, се региони кои се најмногу изложени на климатските промени во светот.
