Русија се огласи по уривањето на мостовите: „Ова е терористички напад“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Истражниот комитет на Русија денес објави дека инцидентите со експлозии на железничките пруги во регионите Брјанск и Курск се класифицирани како терористички напади.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин добил извештаи од Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ) и Министерството за вонредни ситуации за инцидентите на возовите во текот на ноќта, пренесува РИА Новости.

Песков рече дека Путин разговарал телефонски со гувернерот на Брјанската област Александар Богомаз и директорот на Руските железници Олег Белозјоров и дека претседателот ги слушнал извештаите за мерките што се преземаат во врска со несреќите.

Рускиот сенатор Андреј Клишас изјави дека уништувањето на мостот во регионот Брјанск во Русија, поради кое патничкиот воз излета од шините, при што загинаа седум лица, е резултат на украински „терористички“ напад.

Инцидентот се случил во саботата навечер, а удрил во воз што сообраќал од Климов до Москва со 388 патници. Според извештаите, најмалку 66 лица се повредени. Руските железници соопштија дека столбот на мостот се урна поради „нелегално нарушување на транспортните операции“.