Русија денеска започна тридневни нуклеарни вежби кои ќе вклучуваат лансирање балистички и крстосувачки ракети, соопшти руското Министерство за одбрана.
За време на вежбите, во кои учествуваат околу 64.000 војници и 7.800 парчиња воена опрема, ќе се проверува „подготвеноста и употребата на нуклеарните сили во случај на агресија“.
Во маневрите ќе учествуваат руските ракетни сили, Северната и Пацифичката флота, авијацијата со долг дострел, како и единици од Ленинградската и Централната воена област, соопшти министерството.
Според агенцијата Reuters, во вежбите ќе бидат вклучени повеќе од 200 ракетни лансери, 140 летала, 73 бродови и 13 подморници, меѓу кои и осум стратешки нуклеарни подморници.
За време на вежбите ќе се спроведе и обука за употреба на руското тактичко нуклеарно оружје распоредено во Белорусија, се наведува во соопштението на министерството.
