Русино за затвора и за Гостивар, изјавата на Нуредини неприфатлива за демонстрантите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вчерашната изјава на министерот за животна средина, Насер Нуредини – дека депонијата Русино уште неколку години ќе остане таква каква што е, го вклучи алармот во Движењето „Стоп Русино“. Активистите од ова движење денеска ја блокираа депонијата и не дозволија камионите на Комуналното претпријатие на Гостивар да го истоварат отпадот. Бараат во вторник во Општинскиот совет на Гостивар да не помине точката од дневниот ред за основање на Претпријатие за управување со Русино, бидејќи како што велат, ќе паднат во вода нивните барања за затворање на депонијата.

„Од денеска рампата се спушта и за општина Гостивар, со цел да ја добиеме поддршката на градоначалникот и на Општинскиот совет, да не помине основањето на претпријатието. Да задоцни постапката со единствена цел – да се исполни нашето барање кое беше јасно и со кое е запознаен и градоначалникот“

„Русино е времена депонија. Планот е да ја користиме максимум 10 години. Проектот за Русино е многу важен за нас бидејќи отпадот треба да се фрли таму уште неколку години. Доколку ја затвараме, каде ќе се фрли отпадот од сите жители на полошкиот регион. Идејата за нула отпад таму е многу добра и многу еколошка, но навистина не постои такво нешто како нула отпад“, рече Нуредини.

Во вторник ќе се одржи протест во Гостивар. Инаку, пред 50-тина дена членовите на движењето „Стоп Русино“ го блокираа влезот на депонијата. Демонстрантите бараат да се затвори депонијата и да се изнајде нова локација, додавајќи дека ќе продолжат да настојуваат сѐ до реализирање на нивните барања.