Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата стои целосно зад Романија по инцидентот во кој руски дрон удри во станбена зграда во романскиот град Галац.
Во објава на социјалната мрежа „Икс“, Руте соопшти дека разговарал со романскиот претседател Никушор Дан и изразил сочувство до повредените во инцидентот.
„Го уверив во апсолутната солидарност на НАТО со Романија и изразив сочувство за повредените лица. Потврдив дека НАТО е подготвен да го брани секој сантиметар од територијата на сојузниците“, напиша Руте.
Тој додаде дека Алијансата ќе продолжи да ја зајакнува својата подготвеност за одвраќање и одбрана од какви било закани, вклучително и од напади со дронови.
Руте оцени дека „неодговорното однесување на Русија претставува опасност за сите“, посочувајќи дека Москва продолжува да напаѓа цивили и цивилна инфраструктура низ Украина.
„Синоќешниот инцидент уште еднаш покажа дека последиците од нелегалната руска агресија не запираат на границата“, истакна генералниот секретар на НАТО.
Тој нагласи дека војната што ја води Русија мора да заврши, како и, како што рече, „руското игнорирање на безбедноста на цивилите“.
„Од наша страна, ќе продолжиме да ги зајакнуваме одвраќањето и одбраната дома, како и поддршката за Украина во нејзината одбрана од руската агресија“, порача Руте.
