Министерството за здравство сè уште не ги објави резултатите за причината на епидемијата во Гостивар. Министерот Сашо Клековски рече дека не може да даде информации без да биде дадена дозвола од Јавното обвинителство.
„Јасно го кажувам тоа дека, штом ќе добијам дозвола за пристап до информациите, ќе комуницираме. И во претходната комуникација ја користев логиката на исклучување врз основа на оваа демографија. Значи, имаме заболени лица од возраст од една или две години па сè до осумдесет години, од различни географски области и различни населени места, во различни временски периоди. Јасно е дека не може да стане збор за храната, бидејќи овие луѓе не можат да се поврзат со еден единствен извор на храна.“, изјави Клековски.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, рече дека Обвинителството во четвртокот попладне поднело официјално барање до Институтот, и за помалку од еден час екипите излегле на терен. Како што рече, примероците биле земени од четири локации, а работата на терен завршила во раните утрински часови во петокот, по што примероците веднаш биле испратени на анализа.
„Во моментов, Агенцијата за храна и ветеринарство има издадено забрана за водата, што значи, секако, целосна забрана за користење на водата, а нашите препораки беа и се во таа насока како институт, додека трае оваа забрана, сите препораки кои се дадени треба да се почитуваат.“, рече Марија Андоновска.
Доколку има потреба, ќе биде пуштена поголема количина вода во Гостивар, рече директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, кој нагласи дека Владата одлучила да обезбеди 50 илјади литри вода за пиење кои секојдневно ќе им бидат распределувани на граѓаните на Гостивар.
