САД бележат најнизок трговски дефицит во последните три години

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зголемување на извозот на гориво, фармацевтски производи, полупроводници и финансиски услуги, но и намалување на извозот на патнички возила, камиони и автобуси.

Трговскиот дефицит на САД се намали на 58,3 милијарди долари во август од 64,7 милијарди долари во јули, објави американското биро за економски анализи (BEA). Ова е најнискиот трговски дефицит на САД од септември 2020 година.

Вредноста на извозот во август изнесува 256 милијарди долари, за 4,1 милијарди повеќе отколку во јули, соопшти БЕА.

Месечен пораст е забележан кај извозот на горива, фармацевтски производи, полупроводници и финансиски услуги, а истовремено опаѓа извозот на патнички возила, камиони и автобуси.

Се намали и дефицитот со Кина

Вредноста на увозот во август изнесува 314,3 милијарди долари, за 2,3 милијарди долари помалку од јули, се наведува на веб-страницата на оваа организација.

Најмногу падна увозот на мобилни телефони, полупроводници и електрични уреди, а во исто време се зголеми увозот на сурова нафта и на услуги поврзани со патување и транспорт.

Трговскиот дефицит на САД со Кина се намали месечно за 1,3 милијарди долари на 22,7 милијарди долари, што претставува најнизок дефицит во последните пет месеци, пренесува Танјуг.