САД бришат 76 лица и компании од санкциската листа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерство за финансии на САД соопшти дека ќе отстрани 76 физички и правни лица од американската листа на санкции, при што најголем дел од нив се починати лица или компании кои веќе не постојат.

Од Министерството наведуваат дека целта е да се намали административниот товар и вниманието да се насочи кон високоризични поединци и организации.

Од Списокот на специјално означени граѓани и блокирани лица ќе бидат избришани 39 починати лица и 13 згаснати компании.

Американските власти посочија дека добиле реакции од компании кои тврделе дека трошат значителни средства за следење субјекти што повеќе не претставуваат ризик. Во дел од случаите, санкционираните финансиски мрежи веќе не постојат, а во други, санкционираните лица се починати.

„Министерството за финансии ги разгледува можностите за намалување на овие потешкотии, додека истовремено останува фокусирано на санкциски иницијативи со поголемо влијание и спречување на избегнување санкции“, се наведува во соопштението.

Во изминатите години САД воведоа зголемен број санкции кон држави како Венецуела, Иран, Сирија и Русија. Според податоците, бројот на санкционирани физички и правни лица пораснал од 880 во 2017 година на околу 3.000 во 2024 година.

Висок претставник на Министерството за финансии изјавил дека санкциите не треба да бидат трајни мерки.

„Ги намаливме санкциите против Сирија и Венецуела со цел тие да бидат усогласени со интересите на американската надворешна и безбедносна политика“, изјавил претставникот на телеконференција со новинарите.