Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, во разговор со министерот за одбрана Израел Кац синоќа, му порача на Израел да „оди до крај“, велејќи дека САД стојат со Израел, објави во четврток израелското Министерство за одбрана.
Кац му се заблагодари на Хегсет за обемната помош на САД во одбраната на израелските граѓани од иранската ракетна закана, се вели во соопштението.
Израелската војска објави дека во четвртокот започнала „бран напади од големи размери врз инфраструктурата на иранскиот терористички режим низ Техеран“.
Иранската новинска агенција „Тасним“ претходно објави за експлозиите во Техеран, без да даде детали за потенцијалните последици.
Новинарите на АФП слушнале експлозии во Ерусалим во четврток наутро.
Иран испали уште еден салво ракети кон Израел во четврток, објавија израелската војска и иранските државни медиуми, предизвикувајќи тревога во неколку области, вклучувајќи го и Тел Авив, но без жртви.
Либанската официјална новинска агенција АНИ во четвртокот објави дека во израелски воздушен напад е убиен лидерот на Хамас во северен Либан, што е прв лидер на палестинската исламистичка група убиен од почетокот на американско-израелската офанзива против Иран.
Јужен Бејрут, упориште на проиранското движење Хезболах, беше цел на уште еден воздушен напад во четврток вечерта.
Пред тоа, израелската армија ги повика либанските жители да ги евакуираат предградијата на Бејрут. Израелската армија објави на Телеграм дека „започнала да ја напаѓа инфраструктурата на Хезболах во Бејрут“.
Во четврток, Иран испали ракети насочени кон седиштето на курдските сили во автономниот регион Курдистан во Ирак, каде што се стационирани американски трупи.
„Со три ракети ги гаѓавме штабовите на курдските групи кои се противат на револуцијата во ирачки Курдистан“, се вели во военото соопштение цитирано од новинската агенција ИРНА.
Тие напади, во кои беше убиен член на протерана иранска курдска група, следеа по предупредување од иранските власти.
„Сепаратистичките групи не треба да мислат дека дувнал нов ветер и да се обидат да дејствуваат“, предупреди Али Лариџани , шеф на Врховниот совет за национална безбедност на Иран.
Шри Ланка објави дека ги пронашла телата на 87 ирански морнари откако иранска корвета потона во Индискиот Океан откако беше погодена од американско торпедо.
Триесет и двајца морнари беа спасени, но беа сериозно повредени, а 61 се водат како исчезнати.
