САД и Европската Унија постигнаа рамковен трговски договор, објавија американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со што се избегнуваат понатамошни компликации во спорот меѓу двата сојузници кои сочинуваат речиси една третина од глобалната трговија.
Тоа беше постигнато откако фон дер Лајен отпатува во Шкотска на разговори со Трамп за да ги протурка месеците тешки преговори меѓу Брисел и Вашингтон. Договорот вклучува царини од 15% за стоките од ЕУ што влегуваат во САД и предвидува ЕУ да купи значителни количини американска енергија и воена опрема. Исто така, предвидува инвестиции на ЕУ во САД во износ од 600 милијарди долари, изјави Трамп за новинарите.
Together, the EU and the US are a market of 800 million people.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) July 27, 2025
And nearly 44 percent of global GDP.
It’s the biggest trade deal ever ↓ https://t.co/rG3cHebXEk
„Мислам дека ова е најголемиот договор досега“, изјави Трамп за новинарите по едночасовниот состанок со фон дер Лајен, која рече дека царината од 15 проценти „важи за сите“. „Имаме договор меѓу двете најголеми економии во светот и тоа е голем договор. Огромен договор. Ќе донесе стабилност. Ќе донесе предвидливост“, истакна таа.
Основната царина од 15 проценти многумина во Европа ќе ја сметаат за лош исход во споредба со почетната европска амбиција да преговараат за меѓусебна нулта стапка, но сепак е подобра од стравуваната стапка од 30 проценти.
Договорот е многу сличен на оној што го постигнаа САД и Јапонија минатата недела. „Се согласивме дека царините… за автомобили и сè друго ќе бидат 15 проценти“, рече Трамп. Сепак, оваа царина нема да се применува на железо и алуминиум, кои ќе бидат предмет на царинска давачка од 50 проценти како и претходно.
Договорот следеше по две недели тензии поттикнати од писмото на Трамп до Урсула фон дер Лајен, во кое тој се закани дека ќе ги зголеми царините за повеќето европски производи на 30 проценти ако не се постигне договор до 1 август. Ескалацијата на Трамп ги изненади преговарачите на ЕУ, кои веруваа дека прелиминарниот договор е на дофат.
Потоа Европската Унија активираше контрамерки, подготвувајќи список од американски производи во вредност од 93 милијарди евра – од авиони и автомобили до соја и кентаки бурбон – кои ќе се соочат со одмазднички царини.
Трамп, кој претходно изјави дека е „во лоша расположение“, на крајот изрази задоволство од исходот. „Ова ќе донесе многу единство и пријателство. Ќе функционира навистина добро“, рече тој. Фон дер Лајен ја нагласи важноста на избалансираната трговија што обезбедува просперитет и работни места од двете страни на Атлантикот.
Иако договорот е постигнат, сè уште не е објавена заедничка изјава или текстот на договорот. Извори блиски до европскиот преговарачки тим велат дека е клучно што е можно поскоро да се формализира писмен документ. Се очекува Европската комисија да ги информира амбасадорите на земјите-членки за деталите од договорот во понеделник.
