САД разговараше со Франција за С. Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Отворањето на преговорите меѓу Северна Македонија и Европската унија е од суштинско значење за САД. Заменик-помошникот на државниот секретар на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар за „Гласот на Америка“ рече дека веќе разговарале со Франција за што поскоро отпочнување на пристапните преговори со Северна Македонија.


-Веќе зборувавме со Франција. Ставивме јасно до знаење дека ние веруваме дека членството во ЕУ за сите држави од Западниот Балкан е од суштинско значење за сите нас. Веруваме дека тие се дел од Европа, веруваме дека како што ги исполнуваат условите со затворање на поглавјата треба да бидат сѐ повеќе интегрирани во ЕУ и мислиме дека тоа ќе биде решение за сите држави. Секоја држава што влегла во ЕУ станала подемократска, попросперитетна и постабилна, рече Габриел Ескобар, заменик помошник на државниот секретар на САД за Западен балкан.


Ескобар уверува дека работат на изнаоѓање решение за спорот меѓу Скопје и Софија, поради кој под блокада се преговорите со ЕУ не само на Македонија, туку и на Албанија.


-Не, бидејќи и натаму продолжува да ѝ помага. Верувам дека ќе постигнеме соодветен договор за многу кус временски период. Ќе работиме на тоа. Нема промена во позицијата на САД. Веруваме дека двете држави ја завршија работата, двете држави се движат во вистинска насока, двете држави имаат европски фокус и ориентација, и сакаме да ги видиме да се движат заедно. Сакаме да видиме дека се движат заедно брзо, вели Ескобар.

Американскиот заменик помошник секретар, Ескобар верува дека рокот од 6 месеци, како што најави бугарскиот премиер, Кирил Петков за решавање на спорот, е доволен за да се решат проблемите, додавајќи дека САД останува на ставот дека Северна Македонија и Албанија не треба да се одвојуваат во процесот на пристапување кон ЕУ.